Со детски насмевки, возбуда и пригодни приредби, денес започна новата учебна година за 162 првачиња од Општина Гевгелија, кои за првпат седнаа во училишните клупи. Во училиштата, најмладите беа пречекани со пригодни приредби подготвени од наставниците и учениците, а првиот училиштен ден беше исполнет со детска радост, љубопитност и возбуда. За нив започнува едно ново и важно поглавје- исполнето со први знаења, нови другарства, убави моменти, но и предизвици преку кои ќе растат и ќе стекнуваат нови искуства.
Во знак на поддршка и со желба лично да им посака добредојде на најмладите ученици, градоначалникот на oпштина Гевгелија, Андон Сарамандов, ги посети: ООУ „Климент Охридски“ во Миравци, ООУ „Ристо Шуклев“ во Негорци, ООУ „Крсте Мисирков“ и ООУ „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија.
– Денот го започнав со посета на ООУ „Климент Охридски“- Миравци, а потоа ги посетив „Ристо Шуклев“- Негорци, ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија, како и ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија. Со приредби и многу насмевки беа отворени вратите за новите првачиња- истакна Андон Сарамандов.
Како и минатите години, Општина Гевгелија обезбеди ранец и училиштен прибор за секое од 162. првачиња.
– Како мал придонес за полесен почеток на новата учебна година и дополнителна радост во нивниот прв училиштен ден, и оваа година за секое прваче во општина Гевгелија обезбедивме ранец и училиштен прибор- посочи Градоначалникот.
Сарамандов притоа изрази благодарност до наставниците и целиот просветен кадар, кои со својата посветеност имаат значајна улога во образованието и развојот на најмладите.
– На овој ден сакам да изразам благодарност до наставниците и целиот просветен кадар кои со својата посветеност секојдневно вложуваат во образованието и развојот на нашите деца- нагласи тој.
На крајот, им упати порака на сите првачиња да го искористат секој училиштен ден за нови знаења, пријателства и убави детски спомени.
– На сите првачиња им посакувам среќен почеток и успешна учебна година, исполнета со многу знаење, другарување, насмевки и убави спомени!
Новата учебна 2026/2027 година година, училиштата на подрачјето на општина Гевгелија ја пречекуваат со подобрени услови, нова опрема и уредени простории, со што се создаваат подобри можности за квалитетна настава и пријатен престој на учениците.
Во ООУ „Климент Охридски“- Миравци се набавени нови клима-уреди, печатачи и ламинатор, со што се унапредуваат условите за работа и реализација на наставата.
Во ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци е поставен нов ламинат во две училници, а набавени се и шест клима-уреди и шест паметни табли. За подобрување на условите за спортските активности на учениците, обезбедени се и заштитни мрежи за фудбалскиот терен.
Во ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија се набавени и монтирани 23 нови клима- инвертер единици, со кои е опремена секоја училница. Набавени се и шест нови смарт мултифункционални табли, а во Училиштето се реализираа молерофарбарски работи на целиот објект.
Во ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија е опремен кабинетот по информатика со комплетна ИКТ-опрема, со што се создаваат современи услови за учење, истражување и развивање на дигиталните компетенции на учениците. Адаптирана е и просторија за поддршка на учениците со попреченост, наменета за создавање стимулативна средина и соодветна поддршка согласно индивидуалните потреби на учениците. Дополнително, принтери се обезбедени во секоја училница, што овозможува полесна подготовка и реализација на наставните материјали.





























































