На задоволство на жителите на населеното место Моин, вчера, свечено беше пуштен во употреба Младинскиот дом „Иван Костадинов“, со што се одбележа завршувањето на реконструкцијата и реновирањето на објектот. На свеченото пуштање во употреба, присуствуваа: градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, членови на Советот на Општина Гевгелија, локални функционери и други гости кои ја проследија културно-уметничката програма, во којашто учествуваа Ансамблот „Бојмија“- Гевгелија и ученици од ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, во своето обраќање пред присутните го изрази задоволството што уште едно ветување е реализирано.
– Чест ми е што покрај населените места Прдејци и Богородица, и населеното место Моин добива прекрасно место за дружење и организирање настани. И тоа, репрезентативен објект на мое и на задоволство на жителите. Со преземањето на функцијата Градоначалник на општина Гевгелија, добив шанса да го реализирам ова мое ветување.Најпрвин се заложивме за изработка на техничка документација и основен проект, следуваше обезбедување средства и реализација на Проектот. По извршената реконструкција, Домот беше внатрешно уреден со сите услови за нормално функционирање. Обновувањето на ваквите објекти има огромно значење во зачувување и промовирање на културата на македонскиот народ. Потребите и барањата на граѓаните за мене се предизвик да работиме и продолжиме со реализација на бројни проекти на целото подрачје на општина Гевгелија, рече Сарамандов.
Имено, вкупната вредност за реконструкцијата на Домот на културата во Моин, проект за којшто Општина Гевгелија аплицираше преку Центарот за развој на ЈИПР до Бирото за регионален развој, изнесува 13.551.139 денари наменети за изведување градежни работи, електрична енергија и уредување на санитарни јазли. Од кои 2.138.378 денари се сопствено учество на Општина Гевгелија, како и 2.327.904 денари со пресметан ДДВ од Буџетот на Општина Гевгелија за 2023 година за внатрешното опремување на Домот.