Во духот на македонската традиција и култура, ООУ „Крсте Мисирков“ го одбележа својот Патронен празник со програма „Татковино, во срце те носиме“. Учениците, подготвени од нивните ментори- наставници: Крсте Издушнов, Магдалена Накова, Ивана Дојранлиева, Магдалена Каркалашева, Меги Олумчева, Зорица Златановска, Никола Проданов, Милена Стамкова и Марија Граматикова, за прославување на 66-годишниот воспитно-образовен процес прикажаа разновидни содржини – хорски изведби, современи танцови и фолклорни перформанси, рецитирање македонска поезија и драматизации, коишто ги проследија голем број присутни во Големата сала на Народниот театар- Гевгелија. Исто така, на учениците кои се натпреваруваа на Државните натпревари во фудбал и кошарка, им беа доделени пофалници за освоените 2. и 3. место.
Пред да започне културно-уметничката програма, пред присутните се обрати директорот на ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија, Ѓорги Стамков, честитајќи го Патрониот празник на Училиштето.
– Во заедништвото е силата, а во знаењето е моќта се основните конци кои нѐ испреплетуваат нас, жителите на Гевгелија и прават да ја живееме заедничката судбина на раѓањето, растот и развојот. Истиот датум на раѓање 18.11. и на двајцата училишни патрони, и на Крсте Мисирков и на Владо Кантарџиев, е уште еден доказ за нашето разбирање, подадена рака за зголемување на ученичката граѓа, заемна соработка и желба за успех за секого, а не само за себе.
Најзначајните придобивки од учебната година, која веќе поминува низ призмата на образовниот процес, е уште еден показател на нашиот развој. Иако сме исправени пред реални проблеми, нашето училиште, нашите наставници, нашите ученици, ги покажаа одличните резултати на своето работење. Исправеноста кон предизвикот на новите образовни мерки и премерувања, нашиот наставник се разви како современ партнер во развојот на ученикот. Така, тие, во улогата на еластичното ширење и собирање на огромните задолженија на реформите, мошне успешно се изборија и постигнуваат успеси. Нашите ученици уште од најрана возраст се препознаени, се обликуваат за своите способности, се изведуваат пред тестот на науките и вештините и постигнуваат одлични резултати на училишните, општинските, регионалните и државните натпревари, истакна Стамков.