На сцената во Народниот театар- Гевгелија, вчера (13 јуни 2024 година), секоја девојка пред својата рамка беше слика и прилика за гевгеличани да ги видат убавините на македонскиот фолклор. Облечени во автентична носија од етничките предели во Македонија и со реквизити од традиционалниот живот на Македонците, учесничките во етноперформансот „Од пастел, облекло“ ги однесоа присутните на невообичаено патување низ минатото на современ начин.
Изложбата ја отвори директорот на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, м-р Мирјана Крстева Массетти, а краток осврт за неа даде етнокореологот, м-р Силвестер Проле. Со оваа поставка на живи, подвижни скулптури, проект на Етнокореолошкиот оддел при ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, беше затворена четиридневната богата, културно-уметничка програма за чествување на Спасовден 2024 година.