Општина Гевгелија ќе отуѓува 12 градежни парцели во сопственост на РСМ, од кои 11 со намена домување во станбени куќи и 1 со намена домување во станбени згради по пат на електронско јавно наддавање. Од парцелите за домување во станбени куќи, три се наоѓаат на м.в. „Моински пат“ и нивните површини се движат од 371 до 414 метри квадратни, а останатите осум се наоѓаат на м.в. „Караорман“ и нивните површини се движат од 275 до 422 метри квадратни.
Парцелата за домување во станбени згради се наоѓа на м.в. „Пазар“, КО Гевгелија и нејзината површина изнесува 1.377 метри квадратни. Почетната цена за градежните парцели за домување во станбени куќи изнесува 61 денар, а за парцелата за домување во станбени згради изнесува 2.570 денари од метар квадратен.
Продажбата на парцелите ќе се одвива по пат на електронско јавно наддавање (www.gradezno-zemjiste.mk). Јавното наддавање за градежните парцели за домување во станбени куќи ќе се спроведе на 6 ноември 2024 година, почнувајќи од 09:00, во траење од 15 минути за секоја парцела. Додека, јавното наддавање за градежната парцела за домување во станбени згради ќе се спроведе на 20 ноември 2024 година, со почеток во 09:00 часот и ќе трае 15 минути.
Заинтересираните правни и физички лица пријавите за учество на јавното наддавање треба да ги достават по електронски пат на следната интернет-страница: www.gradezno-zemjiste.mk, и тоа, за 11. парцели со намена за домување во станбени куќи до 4 ноември 2024 година, а за парцелата со намена за домување во станбени згради до 18 ноември 2024 година.
Повеќе информации за правото на учество, условите за учество на електронското јавно наддавање и потребната документација можат да се најдат на линкот: Објава бр.1/2024