По повод одржувањето
на најмасовната трка November run Gevgelija, во организација на АК „7 Ноември“- Гевгелија, а во рамки на презентацијата на дводневната атлетска програма како дел од активностите за чествување на 7 Ноември, во Народниот театар- Гевгелија се одржа прес-конференција. На прес-конференцијата се обратија: градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов; Драган Ристов, член на организацискиот одбор и претставници на Фондациите „Ице Бегов“ и „Аполонија“, Елена Бегова и Аце Ристовски.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, со задоволство констатираше дека се е подготвено за третото издание на трката „NOVEMBER RUN 2023“ при што им оддаде признание на организаторите на трката за напорот што го вложија во самата организација. Тој истакна дека на оваа трка, од година во година учествуваат се поголем број на тркачи со што даваме, рече тој, придонес во менување на навиките на граѓаните, затоа што се поголем број рекреативци од општината и пошироко трчаат на овие трки, со што индиректно влијаат на здравиот начин на својот живот. Со бројот на учесниците оваа година, атлетската трка NOVEMBER RUN 2023 ќе биде најголемиот спортски настан во регионот и пошироко.
Членот на организациониот одбор на трката, Драган Ристов, ги информираше медиумите за техничките податоци и текот на одвивањето на четирите предвидени трки.
Така, во сабота, истакна тој, на 4 ноември, на програмата се две трки, детската, на која ќе учествуваат над 600 дечиња поделени во три категории и, за прв пат, инклузивната трка RUN TOGETHER на 1 километар, која е за сите хумани и лица со попреченост, и организирана во соработка со Фондацијата „Ице Бегов, на која се очекуваат над 500 учесници.
Елена Бегова, од Фондацијата, потенцираше дека ова ќе биде прва ваква трка организирана во Македонија и дека се надева таа да стане традиционална. Александар Ристовскиод Фондацијата „Аполонија“ ги повика гевгеличани да земат активно учество и во хуманитарниот базар, што ќе се организира, а по повод 7 Ноември.
За недела, 5 ноември, е предвиден главниот настан, односно трките на 5 и 10 километри. Трката на 10 километри воедно е и главен настан за државното првенство, па победникот ќе биде прогласен за државен шампион од Атлетската Федерација на Македонија. Трката „November Run Gevgelija 2023“, потенцираше Драган Ристов, е организирана според правилата на IAAF, Атлетската федерација на Македонија и согласно важечките законски прописи. Она што е новина оваа година е фактот што атлетичарите ќе трчаат на сертифицирана патека по AIMS стандардите. Имено, пред неколку дена, појасни Ристов, беше извршено мерење на патеката по која ќе се одвиваат уличните трки на „NOVEMBER RUN GEVGELIJA 2023“. Патеката за трката „November Run Gevgelija 2023“ е кружна, при што учесниците на трката на 5 км трчаат еден круг, додека учесниците на 10 километри трчаат два круга.
Стартот и целта на патеката е на ул. „7 Ноември“ во центарот на Гевгелија, во близина на Народниот театар. Предвидени се и парични награди за првите петмина во трката на 10 километри во машка и женска конкуренција и за првите три места во трката на 5 километри, исто така во машка и женска конкуренција, како и за оние натпреварувачи кои ќе ги срушат рекордите на 5 и 10 километри. Најдобрите Македонски тркачи ќе се појават во Гевгелија, а ќе има и одлични натпреварувачи од соседните држави, што претставува предуслов да присуствуваме на добри трки и постигнување на одлични резултати, заврши Ристов. И двата дена, во текот на трките ќе има забавна програма за гледачите. Првиот ден ќе настапат групата „Фонија“, Chill out и DJ H2O, a на вториот ден за забава ќе се погрижат „Хитс бенд“ и DJ Lichen. Водител, како и секоја година ќе биде Виктор Петков-Викса.