Општина Гевгелија беше дел од националната иницијатива за промоција на мерките предвидени со Оперативниот план за активни програми и услуги на пазарот на трудот за 2025 година. Настанот, организиран од Министерството за економија и труд, имаше за цел директно информирање на граѓаните за можностите што ги нуди државата во насока на зголемување на вработеноста, поттикнување на претприемништвото и поддршка на работодавачите.
На настанот присуствуваа: заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески; градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов; претставници од Агенцијата за вработување; претставници од стопанскиот сектор, граѓански организации и заинтересирани граѓани од Гевгелија и регионот.
Заменик-министерот Ристески во своето обраќање изрази задоволство од големиот интерес за мерката за самовработување, на која до Агенцијата за вработување се пристигнати пријави на повеќе од 6.000 лица. Тој, исто така, се осврна на најновата мерка која од вчера е достапна, а тоа е директна помош за компаниите.
„Станува збор за мерката ‘Поддршка за креирање на нови работни места’, подмерка – Вработување и раст на правни субјекти, преку која се дава поддршка во креирање на нови работни места во микро, мали и средни претпријатија, социјални претпријатија и граѓански организации. Со мерката на претпријатијата им се дава грант за вработување на невработени лица, каде истата се движи од 160.000 до 220.000 денари, во зависност од целната група, а работодавачот е должен да го задржи нововработеното лице на работа од 9 до 15 месеци (во зависност од целната група). Сите заинтересирани работодавачи кои сакаат да ги искористат поволностите од оваа мерка, можат да аплицираат до Агенцијата за вработување до 04.07.2025 година.“- образложи Ристески.
Градоначалникот Сарамандов ги поздрави мерките од Оперативниот план за вработување и упати апел до сите граѓани, млади луѓе, невработени лица, како и претставници од стопанскиот сектор да пројават интерес и да се запознаат со деталите од Јавниот повик во Подрачниот центар за вработување на АВРМ во Гевгелија и да аплицираат со цел да ги искористат поволностите кои се нудат.
„Оперативниот план директно ја опфаќа и нашата општина со повеќе мерки и поддржувачки програми, кои отвораат реални можности за зголемување на вработеноста, поддршка на младите, поттикнување на претприемништвото и започнување сопствен бизнис. Преку овие програми се поттикнува локалниот економски развој и се создаваат конкретни услови за намалување на невработеноста во нашиот регион. Гевгелија во изминатите неколку години бележи зголемена стопанска активност, што природно доведува до зголемена побарувачка за работна сила. Затоа, ваквите мерки се од исклучително значење како одговор на реалните потреби на пазарот на трудот.“- истакна Сарамандов.
Според официјалните податоци, досега се поднесени над 4.500 апликации за различни мерки од Оперативниот план, што е показател за довербата што граѓаните ја имаат во овие програми. Со планирани 40 милиони евра за поддршка на вработување и самовработување, Оперативниот план за 2025 година претставува сериозен чекор кон создавање одржлив, инклузивен и развоен пазар на труд и на национално, и на локално ниво.







