Во рамки на програмата за „Гевгелија град на културата 2025“, на 21 октомври, во салата на хотел „Аполонија“ во Гевгелија, беше одржан Концерт посветен на творештвото на еден од најзначајните македонски композитори и професори- проф. д-р Томе Манчев, роден токму во овој град. Настанот, исполнет со длабоки емоции и гордост, беше вистинска музичка ретроспектива на делото на човекот кој со својата музика ја збогати националната културна ризница.
Публиката, составена од љубители на класичната музика, професионални музички уметници, но и роднини на Томе Манчев, имаше ретка можност да го доживее творечкиот свет преку изведбата на некои од неговите најрепрезентативни камерни дела: „Санаториумска балада“ (1974/75), Соната „Ламентозо“ (1989), „Два става“ (1976), „ДД…“ (2002), „Монолог и дијалог“ (2002/03) и „Интрада и капричо“ (1998/99). Преку овие композиции, внимателно избрани од Валентина Велковска- Трајановска- композитор и член на СОКОМ, за оваа пригода, се испреплетеја различните творечки периоди на Манчев- од експерименталните рани години до зрелата, филозофски продлабочена музичка мисла.
Со извонредни изведби, на сцената настапија врвни македонски музичари: Ангела Андовска (сопран), Горан Начевски (баритон), Јана Каевска (флејта), Здравко Ангелов (кларинет), Марјан Милошевски (фагот), Мартин Димитров (виолина), Маја Михајловска (виолончело), како и пијанистките Елена Атанасовска Ивановска и Ивона Базгалоска. Нивните интерпретации, полни со страст, чувствителност и техничка совршеност, предизвикаа долготраен аплауз и емоции кај публиката. Духот на проф. д-р Манчев, присутен во секоја нота, го исполни просторот со мир, достоинство и љубов кон уметноста- како вечен потсетник дека музиката кога е создадена со срце, никогаш не замолчува.
Концертот го модерираше проф. д-р Стефанија Лешкова- Зеленковска, музиколог и долгогодишен познавач на неговото творештво, која со своите зборови успеа да ја пренесе суштината на Манчевиот уметнички дух- стремежот кон совршенство и неговата постојана потрага по нови звучни светови. Во своето обраќање, Лешкова- Зеленковска истакна дека делото на Манчев претставува „мост меѓу генерациите, меѓу традицијата и современоста, меѓу тишината и звукот“. Таа нагласи дека овој концерт е „повраток дома“- симболична средба на уметникот со својот роден град, кој сега му возвраќа со почит и признание. Во рамки на настанот, беше прочитана и богатата биографија на проф. д-р Томе Манчев, која уште еднаш потсети на неговиот извонреден придонес во развојот на македонската современа музика и педагошка мисла.
Иако својата музичка дарба ја манифестирал уште од најрана возраст, оддалеченоста од специјализираните центри за музичка едукација била причина активно да се посвети на музиката дури по завршувањето на гимназијата. Тој најнапред дипломирал на Наставно-теоретскиот, а потоа и на Композиторскиот оддел на тогашната Висока музичка школа во Скопје, во класата на академик проф. Властимир Николовски. Своето образование го надополнувал на бројни семинари и курсеви во Грожњан (Хрватска) и Олштин (Полска), каде што имал ретка можност да ги слуша предавањата на големи музички имиња како Витолд Лутославски, Пјер Шефер и Најџел Осборн. Од 1980 до 1981 година специјализирал Композиција во Прага, во класата на Јиржи Дворжачек, а во следните години ги завршил највисоките студии на Прашкиот музички факултет- Уметничка аспирантура. Во 1999 година, го стекнал својот втор докторат, овојпат на Државната академија „Панче Владигеров“ во Софија, со докторската дисертација „Движењето- суштински елемент во симфониското творештво“. Паралелно со творечката дејност, Манчев бил истакнат педагог на МБУЦ „Илија Николовски- Луј“ и Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што воспитувал генерации композитори и предавал предмети како оркестрација, техники на компонирање на XX век и анализа на музичко дело. Неговите ученици денес се дел од помладата генерација активни македонски композитори.
Со овој концерт, Гевгелија му оддаде почит на својот сограѓанин, чие творештво ги надминува границите на времето и просторот. Настанот уште еднаш ја потврди мисијата на проектот „Гевгелија град на културата“- да го слави уметничкото наследство и да ги обединува граѓаните преку културата. Како и возвраќање со љубов, љубов на градот кон својот син, чија музика продолжува да живее- како потсетник дека уметноста создадена со срце никогаш не замолчува.
Организатор на Концертот беше ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, во соработка со Сојузот на композиторите на Македонија- Скопје.





















