Детската креативност, фантазија и љубов кон уметноста блеснаа на завршната изложба со која беше заокружена Летната ликовна школа во ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија. Просторот беше исполнет со живописни бои, оригинални идеи и насмевки, додека младите автори гордо ги претставија своите дела, создадени во текот на неколкудневната едукативно-креативна програма. Изложбата претставуваше круна на нивниот труд, посветеност и уметнички развој, а бројните родители, роднини и посетители имаа можност одблиску да се запознаат со талентот и креативниот потенцијал на најмладите.
Во текот на школата, децата преку практична работа ги совладуваа основите на ликовната уметност- композицијата, бојата и формата, експериментираа со различни ликовни техники и создадоа дела кои сведочат за нивната имагинација, слобода на изразување и индивидуален уметнички пристап. Целиот процес се реализираше под стручното менторство на м-р по уметности Мирјана Крстева Массетти, која преку своето искуство и креативен пристап им помогна на учесниците да ги развиваат своите способности, да стекнат нови знаења и да ја претворат инспирацијата во вистински уметнички дела.
– Програмата беше осмислена да ја поттикне љубопитноста, креативноста и слободното творечко изразување кај децата. Завршната изложба е најубавата потврда дека секое дете носи единствен талент кој заслужува да биде препознаен и охрабрен- истакнаа од ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија.
На крајот од изложбата, на младите уметници им беа доделени благодарници како признание за нивното успешно учество во Летната ликовна школа, со што беше заокружено уште едно успешно издание на оваа креативна летна програма. Летната ликовна школа беше бесплатна и достапна за сите деца кои покажаа интерес за уметноста, овозможувајќи им дел од летниот распуст да го исполнат со учење, дружење и творење.
Со успешната реализација на школата и организирањето на завршната изложба, ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија уште еднаш ја потврди својата посветеност во развивањето на детската креативност, негувањето на културните вредности и создавањето простор во кој младите таленти можат да се изразуваат, напредуваат и да ја откриваат убавината на уметноста.






























