И за време на летниот распуст, културните институции во Општина Гевгелија продолжуваат со организација на бесплатни едукативни и креативни активности, овозможувајќи им на децата и младите квалитетно исполнување на слободното време преку учење, дружење и развивање на нивните таленти.
Во организација на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, од 29 јуни до 6 јули ќе се реализира Школата за керамика, под менторство на Гордана Николоска Петрова, академска вајарка и музејски копист. Активностите ќе се одржуваат секој работен ден од 11:00 до 12:00 часот, во просториите на Пионерскиот дом. Преку практична работа со глина, учесниците ќе имаат можност да ги развиваат својата креативност, рачните вештини и уметничкиот израз, изработувајќи уникатни керамички предмети и запознавајќи се со основните техники на керамичката уметност.
Паралелно со тоа, ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија организира бесплатна летна секција „Учиме англиски преку игра“, која ќе се реализира од 29 јуни до 3 јули, секој ден од 10:00 до 11:00 часот, во просториите на Народниот театар во Гевгелија. Секцијата ќе ја води Вилма Стамкова, која преку едукативни игри, натпревари и интерактивни активности ќе им помогне на учениците на интересен и забавен начин да го збогатат англискиот вокабулар, да ги усовршат јазичните вештини и да стекнат нови знаења во поттикнувачка и креативна атмосфера.
Со ваквите бесплатни летни програми, културните институции во Гевгелија уште еднаш ја потврдуваат својата посветеност кон создавање квалитетни содржини за најмладите. Преку различни уметнички и едукативни активности, децата и младите ќе имаат можност летниот распуст да го поминат активно, креативно и исполнето, стекнувајќи нови знаења, вештини и пријателства.




