Со цел поблиску да се запознаат со функционирањето на локалната самоуправа, нејзините надлежности и улогата во секојдневниот живот на граѓаните, четвртоодделенци од основните училишта на подрачјето на општина Гевгелија ја посетија локалната самоуправа и учеа заедно со градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов. Посетата беше реализирана во рамките на изучувањето на наставната единица „Запознај ја локалната самоуправа“ по предметот Општество, низ којашто учениците имаа можност стекнатите знаења да ги надополнат со непосредно запознавање со работата на градоначалникот и општинската администрација.
Во интеракција со градоначалникот Сарамандов, учениците разговараа за надлежностите на локалната самоуправа, начинот на донесување одлуки и прашањата што се важни за функционирањето и развојот на локалната заедница. Преку своите прашања и размислувања, тие покажаа интерес за работата на институциите и за активностите што се преземаат за подобрување на условите за живот во градот.
Осврнувајќи се на средбата, Сарамандов го истакна задоволството од интересот на најмладите, посочувајќи ја и определбата на Општината за создавање подобри услови за нивното образование и правилен развој.
– Убаво дружење со учениците од основните училишта во Гевгелија, кои ја посетија Општината и одблиску се запознаа со работата на градоначалникот и локалната самоуправа. Разговаравме за тоа како функционира Општината, кои се нејзините надлежности и како се носат одлуките што се важни за секојдневниот живот на нашите граѓани. Ме радува интересот на децата, нивните прашања и размислувања за нашиот град. Нашата заложба е постојано да создаваме подобри услови за нашите најмлади, преку вложување во образованието, подобрување на условите во училиштата и создавање нови простори за игра, спорт и рекреација. Сакаме секое дете да има убаво и квалитетно детство и можности за правилен развој. Ваквите посети се убава можност уште од најмала возраст да ги запознаваме младите со работата на институциите и да ги поттикнуваме активно да размислуваат за развојот на својата заедница- истакна градоначалникот Сарамандов.
Посетата претставуваше практично дополнување на наставната содржина, овозможувајќи им на учениците непосредно да се запознаат со институцијата и нејзината улога во локалната заедница. На овој начин, преку учење надвор од училишните клупи, најмладите стекнуваат сознанија за граѓанските обврски, функционирањето на институциите и значењето на активното учество во развојот на средината во која живеат.
































