На 13 ноември 2026 година, се одржа 18. седница на Советот на Општина Гевгелија, на која беа разгледани 18 точки од дневниот ред, вклучувајќи ги и четирите дополнителни точки. Во рамките на дополнетиот дневен ред, членовите ги разгледаа измените и дополнувањата на Буџетот на Општина Гевгелија за 2026 година, со кои беа опфатени и измените на Програмата за уредување на градежното земјиште, како и на Програмата за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на општинските патишта и улици за 2026 година. На разгледување беа и измените и дополнувањата на Финансискиот план на ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија за тековната година.
Што се однесува до измените и дополнувањата на Буџетот на Општина Гевгелија за 2026 година, вкупниот буџет се намалува зза 42.334.557 денари, односно утврдениот износ од 928.361.565 денари е намален на 970.696.122 денари. Основниот буџет се намалува за 48.414.557 денари, во делот на трансферите од други нивоа на власт. Буџетот на дотации се зголемува за изннос од 6.080.000 денари, во наменската дотација на Општината за активности од социјална заштита. Буџетот на самофинансирачки активности останува ист и непроменет, во висина од 24.739.329 денари, како и буџетот на донации, односно 30.871.494 денари. Со новите измени и дополнувања, на приходната страна во вкупната структура на Буџетот на Општина Гевгелија за 2026 година, капиталните приходи заземаат 3,09% или 28.650.000 денари, додека во Основниот буџет чиј износ е 464.501.914 денари, капиталните приходи заземаат 6,17% или 28.650.000 денари. На расходната страна во вкупната структура на Буџетот, капиталните расходи учествуваат со 25,88% или 240.247.302 денари, додека во Основниот буџет со 43,27% или 201.042.736 денари.
Во продолжение, Советот на Општина Гевгелија го усовои Планот за програми за развој на Општина Гевгелија за 2027 година, како и измените и дополнувањата на Програмата за поставување урбана опрема на подрачјето на Општината. На дневниот ред беше и Иницијативата за изработка на Урбанистички проект вон опфат на Урбанистички план за линиска инфраструктурна градба, односно новопланиран подземен кабелски вод со напонско ниво СН 10 (20) kV, од кабелска спојница до кабелска спојница на КП 12201/1 КО Прдејци. Советот даде согласност за прифаќање донација од „ЛИДЛ“ ДООЕЛ Скопје. Донацијата, проценета во износ од 1.324.024, 61 денар без ДДВ, се однесува на добра и услуги во форма на молерофарбарски работи за санација на оштетените училишни простории во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија.
Во образовниот дел, беа донесени четири Одлуки за времен прекин со работа на подрачни училишта во населените места Мрзенци, Кованец, Милетково и Смоквица. Станува збор за Подрачните училишта: „Браќа Миладиновци“, во состав на ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија, „Мирче Ацев“ во состав на ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци, „Ристо Динев“ во состав на ООУ „Климент Охридски“- Миравци, како и „Ѓорче Петров“, исто така во состав на ООУ „Климент Охридски“- Миравци. Во делот на превенцијата на детското престапништво, беа разрешени старите и именувани нови членови на Општинскиот совет за превенција на детско престапништво во општина Гевгелија, со кои се опфаќа прашањето за составот на ова општинско тело.
Членовите на Советот на Општина Гевгелија го разгледаа и Финансискиот извештај на ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија за периодот од 1 јануари до 30 септември 2026 година, со посебен осврт на работењето во третото тримесечје, односно периодот од 1 јули до 30 септември 2026 година. Во информативниот дел од седницата беа разгледани информацијата за хортикултурното средување и одржување на парковите и зелените површини во градот и околните населени места, информацијата за активностите на Територијалната противпожарна единица- Гевгелија во текот на септември и октомври 2026 година, како и Информацијата за состојбата со социјалната заштита на населението во Општина Гевгелија.
Со разгледувањето на овие прашања, на 18. седница беа опфатени повеќе сегменти од работењето на локалната самоуправа, планирањето на општинските финансии, инфраструктурниот развој, образованието, комуналните дејности и социјалната заштита.



