Општина Гевгелија беше домаќин на делегација од Република Романија, предводена од 14 градоначалници од градот и подрачјето на Турда, која оствари работна посета на Општината. Во состав на делегацијата беа и претставници на јавни претпријатија и институции.
Делегацијата беше примена од градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, при што беа разменети информации за локалните средини, нивните развојни потенцијали и можностите за воспоставување соработка во области од заемен интерес.
Имено, Турда претставува значаен економски центар во Романија, со подрачје со повеќе од 110.000 жители. Посетата на делегацијата од Романија беше искористена и за претставување на Гевгелија, нејзините потенцијали и досегашните искуства во различни области од локалното функционирање.
– Оваа посета ја гледаме како прв чекор кон понатамошно зближување и воспоставување конкретни форми на соработка меѓу Гевгелија и Турда, вклучително и можноста во иднина да се разговара за збратимување на двата града- истакна градоначалникот Сарамандов.
На средбата се разговараше и за можностите за размена на искуства, идеи и добри практики меѓу локалните самоуправи, како и за воспоставување контакти што би можеле да резултираат со конкретни активности и заеднички проекти во периодот што следува.
Градоначалникот Сарамандов оцени дека ваквите средби се значајни за отворање нови можности за меѓународна соработка и за воспоставување директни врски меѓу локалните самоуправи.
Посетата на делегацијата од Турда претставува почетна можност за продлабочување на контактите меѓу Гевгелија и Турда, со перспектива за нивно натамошно развивање преку конкретни форми на соработка.
















