Со поставување на урбана опрема за деца и изградба на ново детско игралиште, најмалите жители на Миравци добија нов простор за игра, дружење и рекреација. Игралиштето е изградено непосредно до новиот парк. Просторот е уреден согласно современите стандарди, со специјална гумена подлога и современи реквизити за деца. Дополнително, поставена е и урбана опрема, со што се создадени услови за одмор и престој на родителите и останатите посетители.
На новото детско игралиште и уредениот простор изврши увид градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, кој истакна дека оваа активност е дел од поширокото уредување на jaвниот простор во Миравци.
– На задоволство на граѓаните и најмалите жители на Миравци, изградено е ново детско игралиште во спортскиот комплекс, непосредно до новиот парк на површина од 200 м². Во овој дел изминатиот период беше изграден нов парк, кошаркарско игралиште со современа подлога, а на фудбалскиот терен беше направена реконструкција со асфалтирање. Продолжуваме со создавање на подобри услови за живот и за најмладите жители во сите населени места на општина Гевгелија- рече Сарамандов.
Со досегашното уредување, јавниот простор во Миравци се збогатува со содржини за спорт, рекреација и исполнување на слободното време, а со планираните активности ќе продолжи неговото унапредување. Како што истакна градоначалникот Сарамандов, во наредниот период следи дополнително уредување на фудбалското игралиште со поставување специјална вештачка трева и изградба на нови трибини.


















