Градоначалникот на oпштина Гевгелија, Андон Сарамандов, оствари средба со проф. д-р Влатко Неделковски, декан на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на која беа разгледани можностите за идна соработка меѓу Општина Гевгелија и Факултетот.
Во фокусот на разговорот беше воспоставувањето систем за следење на физичкиот развој кај децата од сите основни училишта на подрајчето на општина Гевгелија. Како што беше истакнато на средбата, ваквиот пристап ќе овозможи да се добие појасна слика за физичките параметри и развојот на учениците, како и навремено да се препознаат областите во кои е потребно дополнително внимание.
Во периодот што следи се планира започнување со анализа на физичките параметри кај учениците, како основа за понатамошно креирање и спроведување активности насочени кон правилен физички развој, зголемување на физичката активност и унапредување на здравјето на децата.
По средбата, градоначалникот Сарамандов истакна дека воспоставувањето на системско следење на физичкиот развој ќе претставува значаен чекор во создавањето услови за правилен развој и здрави животни навики кај најмладите.
– Како локална самоуправа изминатите години преку различни активности постојано инвестираме во правилниот развој на децата, истовремено ги менуваме на подобро и нивните секојдневни навики- истакна Сарамандов.
Идната соработка со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје се очекува да резултира со конкретни активности во основните училишта во општина Гевгелија, со што дополнително ќе се унапредат мерките и програмите насочени кон физичкото здравје и развојот на учениците.




