Советот на Општина Гевгелија ја одржа својата 14. седница, на која членовите разгледаа и одлучуваа по 38 точки од повеќе области поврзани со функционирањето и развојот на општината.
На дневниот ред се најде Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Гевгелија за периодот од 1 јануари до 30 јуни 2026 година, како и Годишниот план за вработување во Општината за 2027 година. Покрај ова, советниците го разгледаа Елаборатот за процена на штетата од природната непогода- невремето проследено со дожд и град што ги зафати Гевгелија, Ново Конско, Кованец, Прдејци и Негорци на 30 јуни и 1 јули 2026 година. Во делот на културата и инфраструктурата, беа донесени Одлуката за давање позитивно мислење за прогласување на Споменичката целина „Вардарски рид- Гортинија“ за културно наследство од особено значење, Одлуката за прифаќање донација на фотоволтаична централа и систем за заштита од пад за Спортската сала ДТВ „Партизан“, како и Одлуката за измена на донацијата од „ЛИДЛ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА“. Советот ги прифати и предлозите за воспоставување меѓуопштинска соработка со Општина Дојран и за продолжување на работното време на угостителски објект.
Во областа на урбанизмот, членовите ги донесоа: Одлуката за утврдување Нацрт-план за измена и дополнување на ГУП за град Гевгелија (Блок 15) и донесување на ДУП за Блок 15.12, Блок 15.13 и Блок 15.16 во обединета постапка, Одлуката за измена и дополнување на Блок 19 од Урбанистичкиот план за с. Прдејци (плански период 2025-2035 година), Одлуката за прифаќање на Иницијативата за изработка на изменување и дополнување на Блок 3 од УПС Прдејци, како и Одлуката за измена и дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови во Општина Гевгелија за 2026 година. Во овој дел беа донесени и одлуките за прифаќање на иницијативите за изработка на Урбанистички проект вон опфат на урбанистички план за градежна парцела со намена А1.5 во состав на стопански двор на КП 1335 КО Мрзенци, Урбанистички проект вон опфат на урбанистички план за подземен кабелски вод од кабелска спојница до трафостаница КБТС на КП 3705 во КО Богородица, Урбанистички проект вон опфат на урбанистички план за инфраструктура со намена Е1.8 за подземен приклучок за фотонапонски панели во КО Мрзенци, како и Одлуката за донесување План за парцелација од Урбанистички проект со план за парцелација за промена на граници и поделба на ГП бр. 9.1.96 од ДУП за Блок 9 (9.1 и 9.2) во КО Гевгелија.
Во образовниот сектор и детската заштита, беа усвоени Годишните извештаи за работата за учебната 2025/2026 година и Годишните програми за работа за учебната 2026/2027 година на основните училишта на подрачјето на општина Гевгелија, вклучително и програмите за екскурзии, излети и слободни активности, а беше донесено и Решението за давање согласност за формирање комбинирани паралелки и паралелки со помал број ученици за учебната 2026/2027 година. По истата процедура беа опфатени ООМУ „Васо Карајанов“ со Годишниот извештај за 2025/2026 и Годишната програма за 2026/2027 година, како и ЈОУДГ „Детска радост“, каде покрај Извештајот за 2025/2026 и Програмата за 2026/2027 година, беа донесени решенијата за зголемување или намалување на бројот на деца во групите, нивното работно време и Годишниот план за вработување за 2027 година. Покрај ова, Советот даде согласност и за Годишните планови за вработување за 2027 година на ЈОУ Дом на култура „Македонија“ и ЈПКД „Комуналец“.
Седницата заврши со разгледување на дополнително доставените точки. Членовите на Советот на Општина Гевгелија го усвоија Решението за давање согласност на Одлуката за зголемување на учеството на родителите во надоместокот на трошоците за престој на децата во детската градинка, а исто така беше донесена и Одлуката за определување на цените за општински линиски превоз на патници на подрачјето на општина Гевгелија.




