Општина Гевгелија и оваа година подготвува незаборавна новогодишна забава на Градскиот плоштад, каде што на 31 декември 2025 година, со почеток во 20:30 часот, ќе биде организиран спектакуларен дочек на Новата 2026 година. Под мотото „Новогодишна магија“, граѓаните и гостите ќе уживаат во богата музичка програма, специјални сценски настапи и празнична атмосфера.
Главна ѕвезда на новогодишната вечер ќе биде македонска музичка икона- Владо Јаневски, кој заедно со својот бенд ќе го донесе препознатливиот балкански шарм и емоција на сцената. Покрај Владо Јаневски, во музичка програма за дочекот на Новата 2026 година ќе учествуваат „Ситуација бенд“ и „Либра бенд“. За доброто расположение и подигање на атмосферата ќе се погрижи stand-up урбаната легенда, Дејан Малзарков- Диверзија, а водител ќе биде Никола Опров.
Посетителите ќе имаат можност да уживаат во празнично украсениот плоштад, богата светлосна сценографија и музика која ќе ги води во најрадосните мигови од годината. Општина Гевгелија ги повикува сите граѓани, но и гостите од регионот, заеднички да ја поздрават Новата 2026 година во позитивна и весела атмосфера.
– Во организација на Општина Гевгелија, продолжува традиционалната организација за дочек на Новата година. Гевгелија заслужува да биде урбано место со богата музичка содржина преку целата година. Водејќи се од тоа дека традицијата треба да се негува, граѓаните ќе имаат можност заеднички да ја дочекаат Новата 2026 година на Градскиот плоштад во Гевгелија- истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.




