Во рамки на Програмата „Суперучилишта“, денес, во Општина Гевгелија се одржа средба помеѓу градоначалникот Андон Сарамандов и претставници од СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, заедно со нивните гости- средношколци и професори од Јабланица, Босна и Херцеговина.
Престојот во Гевгелија се реализира во рамки на меѓународната образовна размена, чија цел е унапредување на регионалната соработка и поврзаност меѓу младите од Западен Балкан. СОУ „Јосиф Јосифовски“ по вторпат го добива престижниот статус „Суперучилиште“, што претставува значајно признание за неговиот придонес во поттикнувањето на мирот и меѓукултурниот дијалог.
Градоначалникот Сарамандов го изрази своето задоволство што СОУ „Јосиф Јосифовски“ по вторпат го добива овој престижен статус, истакнувајќи дека тоа е потврда за посветената работа на Училиштето и неговата активна улога во градењето на позитивни вредности кај младите. Тој ја нагласи важноста на ваквите иницијативи, посочувајќи дека тие имаат клучна улога во градењето доверба, разбирање и соработка меѓу младите од регионот. Преку ваквите проекти, учениците имаат можност да се запознаат со различни култури, да стекнат нови пријателства и да се развиваат како активни и одговорни граѓани.
Сарамандов им посака топло добредојде на гостите од Јабланица и успешен престој во Гевгелија, со надеж дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина.
Програмата „Суперучилишта“, која е поддржана од Европската комисија и Германското сојузно Министерство за економска соработка и развој, а се имплементира од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ).












