Целосно заврши реконструкцијата на улицата „Петар Мусев“ во Гевгелија, со поставување на завршниот асфалтен слој, на површина од 2.500 квадратни метри. Во рамки на градежните активности, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, изврши увид во проектот.
Со овој инфраструктурен зафат, една од пофреквентните улици во градот доби целосно нов изглед и подобрени услови за сообраќај и движење на пешаците. Во рамки на проектот беа реализирани изградба на нова атмосферска канализација, реконструкција и проширување на пешачката патека, како и комплетно асфалтирање на улицата.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна дека улицата со години се соочувала со проблеми во одведувањето на атмосферските води, како и со недоволна безбедност за пешаците, поради што нејзината реконструкција била поставена како еден од приоритетите.
– Со реализацијата на проектот добиваме трајно инфраструктурно решение, а улицата за првпат по целата своја должина добива уредена пешачка патека, со што значително се подобрува безбедноста. Со новата подземна инфраструктура, новите пешачки површини и новиот асфалтен слој, улицата добива комплетно нов лик и подобри услови за секојдневно користење. Граѓаните беа трпеливи и имаа разбирање во периодот на изведба на градежните работи. Иако реконструкцијата привремено создаде отежнати услови за движење, придобивките се големи и од бенефит за сите сегашни и идни генерации. Продолжуваме со инвестиции во модернизација на локалната инфраструктура и подобрување на квалитетот на живот во сите делови на oпштина Гевгелија- посочи Сарамандов.














