Во рамки на културната програма за манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 2 октомври 2025 година (четврток), во 19:00 часот, во Уметничката галерија „Амам“ ќе биде отворена самостојната Изложба на Горан Боев со наслов „Од спомени до боја“.
Овој циклус слики е длабоко личен уметнички израз во кој Боев се навраќа на сопствените спомени и траги од животот, претворајќи ги во бои и облици што ја носат неговата внатрешна светлина. Уметникот се обидува да ја отелотвори суштинската емоција- било да се работи за обичен портрет или за цела приказна- при што платното станува простор каде што чувствата, илузиите и спомените се преточуваат во визуелен јазик. Неговото творештво не е само уметничка техника, туку и личен процес на самоосознавање. Сликите не се создадени за да се вклопат во идеализирана претстава за уметноста, туку да ја претстават вистината на уметникот – со сите негови падови и кревања, надежи и сомнежи.
– Секое негово платно е искрен приказ на внатрешниот свет на уметникот, отворен за публиката. Творештвото на Боев е творештво на самосвест и автентичност, во кое уметноста станува патување низ сопствената душа и начин на комуникација со љубителите на сликарството- истакнува историчарот на уметност, Трајче Цветков.
Изложбата „Од спомени до боја“ нуди ретка можност публиката да влезе во интимниот свет на Боев, да ја почувствува неговата искреност и транспарентност во изразот и да ја доживее уметноста како огледало на човековата душа.
Настанот е во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија во соработка со Музеј Галерија- Кавадарци и Националната установа Музеј- Гевгелија.
Горан Боев е роден на 01.11.1982 година во Кавадарци, Р. Македонија. Средно училиште за применета уметност (ДСУПУ „Лазар Личеноски”) завршува во Скопје. Дипломира на Факултетот за ликовни Уметности (ФЛУ Скопје) во 2005 година, во класата на проф. Благоја Маневски. На истиот факултет ги завршува и своите постдипломски студии, под менторство на проф. Симон Шемов. Од 2007 до 2011 година работи како помлад асистент на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот Универзитет на Р. Македонија. 2011 – 2012 година работи како професор по ликовно образование во гимназијата „Добри Даскалов“ во Кавадарци. Од 2011 до 2017 година работи како зограф иконописец во „Св. Јован Крстител“- Бигорски манастир. Моментално е вработен како наставник по ликовно образование во основното училиште „Димката Ангелов – Габерот“ во Кавадарци. Во 2004 година ги добива наградите „Почесен граѓанин на град Кавадарци“ и „Франк Манинг“ за најдобар студент за таа година. Досега има реализирано над десетина самостојни изложби во земјата и учествувано на многу групни во земјата и странство.
