Изминатиов викенд, во Гевгелија беше вистински кошаркарски празник, како домаќин на дводневниот финален турнир од „Адастра“ М20 младинската кошаркарска лига, кој се одржа во спортската сала „26 Април“. Настанот помина во знакот на одлична организација и квалитетна кошарка, со што уште еднаш се оправда довербата доделена од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) на Општина Гевгелија и Кошаркарскиот клуб „Кожув“.
Во текот на двата натпреварувачки дена беа одиграни полуфиналните и финалните натпревари, како и дуелот за третото место, со што турнирот понуди комплетна завршница на сезоната во М20 категоријата. Во големото финале, „Водно Санс“ го совлада КК „Вардар“ со 93:86 и ја освои шампионската титула, во натпревар исполнет со динамика и неизвесност до самиот крај. Во борбата за третото место, „Феникс 2010“ беше поуспешен од КК „Кожув“со 94:70. Претходно, во полуфиналните натпревари беа забележани резултатите: „Вардар“ – „Феникс 2010“ 82:78 и „Водно Санс“ – „Кожув“ 84:65.
Турнирот во Гевгелија уште еднаш ја потврди успешната организација и капацитетот на градот за домаќинство на значајни младински спортски настани.



























