Во пресрет на главните фестивалски вечери на Интернационалниот детски музички фестивал „Калинка 2026“, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, организираше прием за учесниците, кој и годинава ја претвора Гевгелија во центар на детската песна, музиката и сценската уметност.
На приемот присуствуваа младите изведувачи, хористи и членови на танчерските групи кои се дел од програмата на „Калинка 2026“, како и претставници на организацискиот одбор. Средбата беше можност да се разменат впечатоци од досегашните активности и да се истакне континуираната поддршка од Општина Гевгелија за манифестацијата.
Посакувајќи им успешни настапи и убави спомени, градоначалникот Сарамандов ја истакна важноста на овој настан во афирмацијата на младите таленти и детското музичко творештво.
– „Калинка“ е повеќе од музички настан. Тој е место каде што децата преку песната ја изразуваат својата креативност, создаваат нови пријателства и градат убави спомени. Гевгелија отсекогаш била град кој ги поддржува младите таленти и нивниот развој. На сите учесници им посакувам успешни настапи, многу радост и заслужени аплаузи- истакна градоначалникот Сарамандов.
Годинешното, 24. издание започна на 1 јуни 2026 година со богата програма посветена на најмладите. Активностите продолжуваат во текот на целата недела, а кулминацијата следува со главните музички вечери.
Публиката ќе има можност да ужива во премиерни изведби на нови детски песни, внимателно подготвени сценски настапи, хорски изведби и танцови кореографии. Првата вечер ќе се одржи на 5 јуни, втората на 6 јуни, кога е предвидено и снимање од страна на Македонската радио-телевизија, додека завршната е закажана за 7 јуни 2026 година. Сите настани ќе се одржат во Народниот театар во Гевгелија, со почеток во 20:30 часот.
Со нови композиции, учество на млади изведувачи, хористи и танчери и богата сценска програма, „Калинка 2026“ повторно ја потврдува својата улога како еден од најзначајните детски музички настани во регионот. Тој продолжува да биде место каде што се откриваат и промовираат нови таленти, се создаваат пријателства и се негува љубовта кон музиката уште од најрана возраст.



















