Долж улицата „Петар Мусев“, пред ООУ „Крсте Мисирков“, деновиве започнаа интензивни градежни активности за изградба на нова подземна атмосферска инсталација за прифаќање и одведување на површинските води- атмосферски крак со дијаметар Ф315. Градежната механизација и екипите на терен веќе работат на ископ, поставување и поврзување на новите атмосферски цевководи. Паралелно со овие активности, се врши и реконфигурација на постојниот одводен систем во овој дел од градот, односно исклучување на постојните сливници кои се приклучени на фекалната канализација.
Проектот се реализира на една од најфреквентните градски локации, каде што секојдневно се движат голем број ученици, родители, наставници и граѓани. Со изградбата на новиот атмосферски крак ќе се овозможи поефикасно собирање и одведување на дождовните води, а притоа ќе се изврши и целосно одвојување на атмосферската од фекалната канализациска мрежа.
Во врска со реализацијата на проектот, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна:
– Со цел поефикасно прифаќање и одведување на атмосферските води, по успешната реализација на атмосферските краци на улиците „Петар Мусев“ и „Ванчо Прке“, со истиот проект продолжуваме и пред ООУ „Крсте Мисирков“. Паралелно со изградбата на новите атмосферски цевководи, работиме и на исклучување на постојните сливници кои во минатото биле приклучени на фекалната канализација. Со тоа се намалува оптоварувањето на системот и целиме кон решавање на проблемите што при обилни врнежи ги чувствуваат граѓаните во нивните домови. Продолжуваме со инвестиции во инфраструктура која носи подобри услови за живот и поквалитетни комунални услуги за сите.










