Во Гевгелија се одржа информативна трибина посветена на презентација на новите активни мерки и програми за вработување за 2026 година, објавени од страна на Агенцијата за вработување на Република Македонија. На трибината присуствуваа: заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески; заменик-директорката на Агенцијата за вработување, Весна Пешова; директорката на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво, Даниела Димовска, како и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
Во рамки на настанот, со заинтересираните граѓани и млади беа разменети информации, прашања и практични насоки за користење на новите мерки и можностите што тие ги нудат. Притоа, беа презентирани условите, придобивките и начинот на аплицирање за активните програми, со посебен акцент на мерките насочени кон поттикнување на младинското претприемништво и финансиската поддршка за реализација на сопствени бизнис-идеи.
Опфатот на Оперативниот план за активни програми и вработување за 2026 година предвидува поддршка за самовработување на невработени лица над 29 години во износ од 7.000 евра за започнување сопствен бизнис, како и поддршка за млади невработени лица до 29 години во износ од 10.000 евра за основање сопствен бизнис. Дополнително, предвидена е и можност за здружување на двајца корисници со финансиска поддршка од 14.000 до 20.000 евра за заедничко основање бизнис, при што највисокиот износ е наменет за млади лица до 29 години.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, потенцираше дека и покрај тоа што општина Гевгелија се карактеризира со ниска стапка на невработеност, ваквите мерки ќе придонесат за отворање нови работни места и уште поголемо намалување на невработеноста. Притоа, упати повик до младите да аплицираат и ја реализираат својата бизнис-идеја преку основање свој сопствен бизнис.
– Како локална самоуправа остануваме посветени на создавање услови за развој и поддршка на младите. Ако имаме успешни млади, имаме и силна локална заедница- истакна Сарамандов.
Мерките ќе бидат достапни за аплицирање до 3 јули 2026 година.
















