Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, оствари средба со постојаниот координатор на ООН во Македонија, Рита Колумбија, и нејзиниот тим, на која беа разменети искуства и разговарано за можностите за унапредување на соработката во областите од интерес за локалната заедница.
Во фокусот на разговорите беа младите и нивното активно вклучување во процесите и активностите во заедницата, како и создавањето услови во кои младите ќе можат да ги изразат своите идеи, да предлагаат решенија и активно да придонесуваат за локалниот развој.
Посебен акцент беше ставен на младинскиот волонтеризам и активизам, како важни механизми за поттикнување на младите да преземаат иницијатива, одговорност и активно да се вклучуваат во развојот на својата заедница.
– Потребно е обезбедување подобри услови, стимулативни мерки и активности преку кои младите ќе имаат можност активно да учествуваат, да креираат решенија и да придонесуваат за развојот на својата заедница. Особено внимание посветивме на поттикнувањето на младинскиот волонтеризам и активизам, како важен дел од создавањето активна и одговорна локална заедница Младите заслужуваат можности преку кои ќе стекнуваат искуство, ќе преземаат одговорност и активно ќе придонесуваат во својата заедница- истакна градоначалникот Сарамандов.
Средбата со постојаниот координатор на ООН претставуваше можност за размена на искуства и согледување на можностите за понатамошна соработка во насока на создавање поголеми можности за младите и нивно посилно учество во животот на локалната заедница.










