Во рамките на празничната програма по повод 7 Ноември- Денот на ослободувањето на Гевгелија, на свечената 17. седница на Советот на Општина Гевгелија, беа доделени Седмоноемвриски благодарници за 2026 година на поединци, организации, здруженија и колективи кои во изминатиот период, меѓу двете празнувања, оствариле значајни резултати во повеќе сфери од општествениот, културниот, спортскиот и економскиот живот. Со своите постигнувања, активности и ангажман, тие дале значаен придонес во развојот и афирмацијата на општина Гевгелија.
Овогодишни добитници на Седмоноемвриските благодарници се фотографот, видеограф и монтажер Васко Трајков, поетот, есеист и книжевен критичар Пепи Стамков, младата атлетичарка Ана Бегова, кадетската екипа на Фудбалскиот клуб „Кожуф“- Гевгелија, Шаховскиот клуб „7 Ноември 2021“- Гевгелија, Кошаркарскиот клуб „Гевгелија“, трговските комплекси Gevgelija Mall и „МЕГА Шопинг Парк“, хотелскиот комплекс „Coconut“ и гевгелиската компанија „Конти Хидропласт“.
Васко Трајков, фотограф, видеограф и монтажер од Гевгелија, со својот ангажман и долгогодишно искуство зад камерата во реализацијата на најразлични фото и видео остварувања придонесува за зачувување, документирање и промоција на културното и етнолошкото наследство на регионот. Во 2026 година, за филмовите „Лазаренки“ и „Огледало“, чија продукција е на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, ја освои Златната плакета за камера и монтажа на 56. фестивалот „Жисел“ во Србија. Истата година, заедно со Тони Аврамов, ја освои наградата „Златна камера“ на 55. Државен фестивал за непрофесионален филм во Босилово, за документарниот филм „Моја Гевгелија“. Во 2025 година, за учеството во реализацијата на филмот „Лазаренки- реликвија на етничкиот предел Бојмија“, беше награден со специјална награда на 54. Државен фестивал во Виница. Неговите остварувања во филмот и освоените признанија на домашни и меѓународни фестивали претставуваат значаен придонес во развојот на локалното и поширокото филмско творештво, како и во афирмацијата на Гевгелија, за што му се доделува Седмоноемвриска благодарница од Општина Гевгелија.
Пепи Стамков е поет, есеист и книжевен критичар од Гевгелија, дипломиран на Катедрата за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 2026 година, Стамков ја претставуваше Гевгелија на Меѓународната манифестација „Струшки вечери на поезијата“, каде беа прочитани три негови песни. Истата година, ја промовираше својата прва поетска книга „Собрани остатоци од светот“ во Гевгелија, во рамките на „Гевгелиско културно лето 2026“. За ракописот на оваа поетска книга која беше објавена во 2025 година во издание на „Фуснота“, со поддршка од Министерството за култура и туризам, во 2024 година ја доби наградата „Антев златник“. Во 2025 година учествуваше и на 64. издание на „Струшки вечери на поезијата“, каде повторно беа прочитани негови песни. За своето книжевно творештво, освоените награди и учеството на значајни меѓународни книжевни манифестации, Пепи Стамков е добитник на Седмоноемвриска благодарница од Општина Гевгелија за придонес во афирмацијата на општината преку литературната дејност.
Ана Бегова е млада и перспективна атлетичарка, ученичка во ООУ „Владо Кантарџиев“ и членка на Атлетскиот клуб „7 Ноември“- Гевгелија, која во 2026 година оствари значајни резултати на домашни и меѓународни натпреварувања, под менсторство на Влатко Семенаков и Тодор Анчев. На Државното првенство во Куманово освои прво место на 300 метри, а на „Купот на Македонија за пионери и пионерки 2026“ во Велес беше прва на 1,5 километри. На домашните трки освои прво место на 5 километри во сениорска женска конкуренција на „Биди своја“ во Битола, трето место во истата дисциплина на „Трчај бе“, второ место во штафетата 2 × 5 километри и прво место во штафетата на 10 километри на „ILINDEN LIFE RUN“ во Скопје, како и трето место на 5 километри во сениорска конкуренција на „Че трчаме 2026“ во Прилеп. На меѓународните натпреварувања освои први места на 5 километри во женска сениорска конкуренција на „Маратон на себенадминување 2026“ во Ниш и на трката во Катерини, Грција. Во Софија, Бугарија, освои прво место на 5 километри во категоријата до 16 години, трето место на 5 километри во сениорска конкуренција и прво место на детската трка на 1 километар. Во Кукуш, Грција, беше прва и на детската трка на 1 километар и на 5 километри во сениорска конкуренција. Нејзиниот најнов успех е првото место во женска конкуренција на трката на 3 километри на 25. „Лесковачки полумаратон“ во Србија. Со постигнатите резултати, особено во конкуренција со повозрасни атлетичарки, Ана Бегова ја афирмира гевгелиската атлетика и претставува успешен пример за младите спортисти, за што Општина Гевгелија ѝ ја доделува Седмоноемвриската благодарница.
Кадетската екипа на Фудбалскиот клуб „Кожуф“- Гевгелија во натпреварувачката сезона 2025/2026 година го освои шампионското место во Втората македонска фудбалска лига- кадети, остварувајќи значаен спортски успех и потврдувајќи го квалитетот и потенцијалот на младинскиот фудбал во Гевгелија. Предводени од тренерот Николчо Филипов, над 30 млади фудбалери во текот на сезоната покажаа посветеност, дисциплина, тимска игра и натпреварувачки дух. На 25 одиграни натпревари забележаа 21 победа, две нерешени средби и само два пораза, а дополнително им беа регистрирани и две службени победи. Овие резултати се потврда за континуираната работа, заедништвото и вложениот труд на играчите и стручниот штаб. Освоената шампионска титула има особено значење за ФК „Кожуф“ и за гевгелискиот спорт, бидејќи претставува признание за работата со младинските категории и поттик за натамошен развој на младите фудбалери. Со овој успех, кадетите достојно го претставија својот клуб и градот Гевгелија, покажувајќи дека посветената работа и спортскиот дух се основа за постигнување врвни резултати. По тој повод кадетската екипа на ФК „Кожуф“- Гевгелија е овогодишен носител на Седмоноемвриската благодарница на Општина Гевгелија.
Шаховскиот клуб „7 Ноември 2021“- Гевгелија во 2026 година бележи значајни натпреварувачки резултати, откако машката екипа го освои првото место на Државното првенство во Втората лига, одржано во хотел „Сириус“ во Струмица, и обезбеди пласман во Првата шаховска лига. Женската екипа, формирана истата година, го освои третото место на Државното првенство, исто така одржано во хотел „Сириус“ во Струмица. Младиот член Коста Попристовски освои први места на повеќе турнири во државата, додека Кристијан Кавазов стана младински првак на Македонија во категоријата до 16 години на Државното првенство во Скопје, а потоа учествуваше и на Светското првенство во Италија. Формиран во 2021 година, Клубот денес брои околу 40 сениори, 15 младинци и 10 жени. Зад постигнатите успеси стојат посветеноста и заедничкиот ангажман на шахистите, тренерите и раководството. Успесите и неговиот придонес во развојот и афирмацијата на шахот во Гевгелија се препознаени со Седмоноемвриска благодарница од Општина Гевгелијa.
Кошаркарскиот клуб „Гевгелија“ во 2026 година испиша нова страница во историјата на гевгелиската кошарка, откако и женската и машката сениорска екипа обезбедија пласман во Првата кошаркарска лига на Македонија. Женската екипа, во финалната серија од Втората лига, ја совлада ЖКК „Струга 2009“, додека машкиот состав, по три сезони во Аматерската лига, во финалната серија беше поуспешен од екипата на „Шар Планина“. Само три години по формирањето во 2023 година, КК „Гевгелија“ успеа да обезбеди прволигашки статус за двете сениорски екипи, што претставува историски успех и потврда за посветената работа и континуираниот развој на Клубот. Зад овој резултат стојат заедничкиот ангажман на кошаркарите и кошаркарките, тренерите, стручниот штаб, раководството и сите членови. Со овој историски успех и придонесот во развојот и афирмацијата на кошарката во Гевгелија, КК „Гевгелија“ се вбројува меѓу добитниците на Седмоноемвриските благодарници од Општина Гевгелија.
Gevgelija Mall претставува значајна инвестиција во трговскиот и економскиот развој на Гевгелија, со која се прошири деловната инфраструктура и се збогати понудата на трговски и услужни содржини во градот. Трговскиот комплекс, изграден на површина од 7.000 квадратни метри, беше отворен во декември 2025 година, а во неговите рамки започнаа со работа и познатите маркети „Џамбо“ и „Веро“. Со отворањето на комплексот се создадоа нови можности за вработување на локалното население, но и услови за привлекување поголем број потрошувачи од Гевгелија, околните општини и соседните земји. Преку разновидната трговска понуда и присуството на препознатливи брендови, Gevgelija Mall придонесува за зголемување на економската активност и зајакнување на деловната привлечност на општината. Дополнително, организирањето настани и активности за посетителите, вклучително и содржини за најмладите и семејствата, го збогатува општествениот и забавниот живот во градот. Инвестицијата претставува придонес кон модернизацијата на трговската понуда и натамошното позиционирање на Гевгелија како атрактивна дестинација за шопинг и деловни активности. За инвестицијата, отворањето нови работни места и придонесот во развојот на локалната економија, Gevgelija Mall добива Благодарница на Општина Гевгелија по повод 7 Ноември- Општинскиот празник.
Со отворањето на „МЕГА Шопинг Парк“ на 29 мај 2026 година, Гевгелија доби уште еден современ трговски комплекс, кој претставува значајна инвестиција во локалната економија и дополнително ја проширува трговската понуда во општината. Комплексот се простира на површина од над 20.000 квадратни метри и обединува повеќе од 50 домашни и меѓународни брендови, создавајќи услови за поголем избор и достапност на различни производи и услуги. Неговото функционирање придонесува за отворање нови работни места и создавање можности за професионално ангажирање на локалното население. Благодарение на разновидната понуда и присуството на бројни брендови, „МЕГА Шопинг Парк“ привлекува посетители од поширокиот регион и од соседните земји, со што се зголемува прометот и економската раздвиженост во Гевгелија. Покрај основната трговска дејност, комплексот организира и настани, промотивни и забавни активности, со посебни содржини за децата и семејствата, придонесувајќи за создавање дополнителни можности за квалитетно исполнување на слободното време. Со својата големина, разновидноста на понудата и економските ефекти од работењето, „МЕГА Шопинг Парк“ претставува значаен дел од современата трговска инфраструктура на Гевгелија и поттик за понатамошен развој на локалното стопанство. За реализацијата на значајната инвестиција, отворањето нови работни места и придонесот во унапредувањето на трговската понуда и локалната економија, „МЕГА Шопинг Парк“ се стекнува со Седмоноемвриска благодарница од Општина Гевгелија.
Хотелскиoт комплекс „Coconut“ придонесува за збогатување и промоција на туристичката понуда на Гевгелија, создавајќи дополнителни можности за рекреација, спорт и активен одмор. Со своите разновидни содржини, меѓу кои современ базен, ресторан, казино и простори за организирање настани во рамките на хотелскиот комплекс, како и придружните рекреативни и спортски содржини во „Coconut“, тие ја надополнуваат туристичката понуда на градот и придонесуваат за привлекување посетители од земјата и странство. Во текот на 2026 година, понудата беше дополнета со спортски содржини и можности за организирање различни спортски активности и турнири, вклучително и во падел. Во рамките на комплексот „Coconut”се изградени падел, кошаркарски, одбојкарски и тениски терени, а во тек е изградба на уште три тениски терени, со што дополнително се прошируваат условите за спорт и рекреација и се создаваат можности за привлекување посетители заинтересирани за спортски туризам. За придонесот во развојот и промоцијата на туристичката понуда, како и збогатувањето на спортските и рекреативните содржини во општината, „Coconut“ е добитник на Седмонемвриска благодарница од Општина Гевгелија.
„Конти Хидропласт“ и во 2026 година ја потврдува својата определба за општествена одговорност и поддршка на локалната заедница, преку континуирано вложување во активности и иницијативи од јавен интерес. Како гевгелиска компанија со долгогодишна производствена традиција и значајна улога во локалната економија, својот придонес го остварува и преку поддршка на здравството, спортот и заштитата на животната средина. Особено значајна е донацијата од 100.000 евра за реконструкција на Интерното одделение и Одделението за детска превентивна стоматологија при ЈЗУ Општа болница со проширена дејност- Гевгелија. Компанијата, исто така, дава поддршка на спортските активности и клубови во општината, со што придонесува за развој на спортот, поттикнување на младите кон физичка активност и создавање услови за спортско напредување. Со доделување Седмоноемвриска благодарница, Општина Гевгелија го истакнува значењето на општествено одговорното работење на „Конти Хидропласт“ и нејзиниот придонес во подобрувањето на условите за живот на граѓаните.
Со доделените признанија, Општина Гевгелија им оддаде признание на поединците, спортските колективи и стопанските субјекти кои преку своите резултати, творештво, инвестиции и општествен ангажман придонесуваат за развојот на општината и нејзината афирмација. Седмоноемвриските благодарници претставуваат израз на признание за остварените достигнувања и поттик за продолжување на активностите во интерес на локалната заедница.














