Советот на Општина Гевгелија, на последната 43. седница, донесе Одлука од Буџетот на Општина Гевгелија за 2024 година да бидат издвоени 2.077.142 денари за кофинансирање на инвестициски проект: „Изградба на спортско-рекреативен парк Топлик“. Оваа инвестиција со вкупна вредност од 5.221.230 денари е дел од Програмата: „Зајакнување на општинските совети- фаза 2.
Проектните активности опфаќаат поставување урбана опрема за одмор и рекреација на граѓаните од општина Гевгелија. Ќе бидат поставени: летниковци, перголи, клупи и масички за седење, патокази, држачи за велосипеди, канделабри за осветлување и канти за отпадоци. Предвидени се и паметни клупи со инсталиран систем за искористување на сончевата енергија, со можност за полнење на електронските уреди и мовчиња на местата каде има водени површини кои се премостуваат со прескокнување.
Имено, овој проект со мнозинство гласови беше избран како приоритетен на последната од 4. форумски сесии коишто се одржаа во Гевгелија за развивање концепти и проекти од областа на животната средина, а во рамки на Програмата „Зајакнување на општинските совети- фаза 2“, којашто ја финансираат Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а ја кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.