Општина Гевгелија е добитник на наградата „Младински пријателски град“ за 2026 година, меѓу локалните самоуправи во Југоисточниот Плански Регион, врз основа на националното истражување за напредокот на општините во спроведувањето на законските обврски во областа на младинското учество и младинските политики.
Признанието беше врачено на Четвртиот национален форум за младинска работа 2026, кој се одржа од 10 до 12 ноември во Младинскиот центар во Охрид. Форумот беше организиран од Коалицијата на младински организации СЕГА и Младинскиот центар Охрид, во партнерство со Министерството за социјална политика, демографија и млади, УНДП, УНФПА, RYCO и ОБСЕ.
Истражувањето го опфати напредокот на 80 општини и Град Скопје, при што беа доделени вкупно осум признанија, по едно за секој од планските региони во државата. Преку него беа анализирани активностите и постигнатиот напредок на локалните самоуправи во исполнувањето на законските обврски, обезбедувањето услови за младинско учество и унапредувањето на положбата на младите на локално ниво, врз основа на доставени докази.
Со добивањето на ова признание, Општина Гевгелија е препознаена на регионално ниво во областа на младинските политики. Признанието претставува поттик за Општина Гевгелија за продолжување на активностите насочени кон поддршка на младите, создавање можности за нивно активно учество и вклучување во процесите и случувањата во локалната заедница.








