На свечен начин, СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија ги прогласи учениците кои со своите четиригодишни резултати се издвоија како најуспешни во генерацијата 2022-2026. Признанието првенец на генерацијата за гимназиското образование му е доделено на Ѓорге Новаковски, а за стручното образование на Јован Оџаков.
Директорката на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, Розета Картова, им ги врачи признанијата и пригодните подароци на двајцата првенци, упатувајќи им честитки за нивната истрајност, дисциплина и континуирана посветеност во текот на средношколското образование.
Одлуката за избор на првенците ја донесе Наставничкиот совет, по внимателно разгледување на сите елементи што го отсликуваат севкупниот развој и ангажман на учениците. Покрај високите оценки, при изборот беа земени предвид и нивниот придонес во училишниот живот, учеството на натпревари од општинско, регионално и државно ниво, како и одговорноста, зрелоста, лидерските способности и вредностите што ги демонстрирале како ученици.
Со ваквите признанија, Училиштето ја истакнува важноста на целокупниот ученички развој, нагласувајќи дека успехот не се мери единствено преку постигнатите оценки, туку и преку активноста, иницијативноста, односот кон заедницата и личниот интегритет.
Изборот на Ѓорге Новаковски и Јован Оџаков претставува признание за нивниот вложен труд во изминатите четири години, но и поттик за идните генерации да продолжат да градат култура на знаење, одговорност и активна вклученост во училишниот живот.
Како дополнително признание за нивните постигнувања, Општина Гевгелија и годинава традиционално ќе ги награди првенците на генерацијата со парична награда од по 10.000 денари, со што уште еднаш ја потврдува својата поддршка за учениците кои се истакнуваат со знаење, труд и успеси.






