На 10 мај 2025 година, во Гевгелија ќе се одржи Меѓународен детски фолклорен фестивал „Гевгелиска везилка“. Со почеток во 19:30 часот, сцената на Народниот театар- Гевгелија ќе биде обоена со богатството на народната традиција, музика и игра, претставени низ чекорите и насмевките на детските фолклорни ансамбли и културно-уметнички друштва од државата и соседството. На Фестивалот ќе настапат: домаќините Ансамбл „Бојмија“- Гевгелија, КУД „Илинден“- Струга, КУД „Мирка Гинова“- Демир Капија, Фолклорен ансамбл „Мегдан“- Богданци и Фолклорен ансамбл „Општина Мало Црниче“- Република Србија. Влезот е слободен.
Богатата вечер ќе се најави со свечено дефиле на сите учесници. Дефилето ќе започне во 18:30 часот, од Народниот театар – Гевгелија, продолжувајќи низ улиците „7 Ноември“ и „Гевгелиски партизански одреди“, а ќе заврши на Градскиот плоштад, каде граѓаните ќе имаат можност да ги поздрават и поддржат најмладите чувари на традицијата.
Овој настан е во организација на Ансамбл „Бојмија“- Гевгелија, а во соработка со Општина Гевгелија и е дел од програмата за манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.
