Со свечено дефиле, зурли, тапани, песни и ора, Гевгелија викендов пулсираше во ритамот на традицијата, славејќи го одржувањето на 1. Меѓународен детски фолклорен фестивал „Гевгелиска везилка“. Над 150 деца, членови на фолклорни ансамбли и културно-уметнички друштва од Македонија и Србија, продефилираа низ централните улици на градот, носејќи ја живата традиција пред восхитот на гевгеличани.
Фестивалската вечер, што се одржа на 10 мај 2025 година, во салата на Народниот театар- Гевгелија, беше исполнета со настапите на: Ансамбл „Бојмија“ – Гевгелија, КУД „Илинден“- Струга, КУД „Мирка Гинова“- Демир Капија, Фолклорен ансамбл „Мегдан“- Богданци и Фолклорен ансамбл „Општина Мало Црниче“- Република Србија. Публиката со воодушевување ги проследи изведбите исполнети со народна музика, песна и игра, кои го доловија богатството на балканското фолклорно наследство.
„Гевгелиска везилка“, како дел од програмата „Гевгелија град на културата 2025 година“, се реализираше во организација на Ансамбл „Бојмија“- Гевгелија. Настанот се покажа како вистинска културна врска меѓу генерациите и народите, со силна порака за негување на традицијата и културното наследство.
Претседателот на Aнсамблот „Бојмија“, Игор Илиевски, изрази задоволство од успешната реализација на фестивалот:
– Задоволни сме како организатори со тоа како помина овој, прв по ред, фестивал „Гевгелиска везилка“. Иако на почетокот бевме малку скептични, аплаузите и овациите на публиката ни покажаа дека сме успеале. Се надевам дека овој детски фестивал ќе стане традиционален, на наше, но уште повеќе на задоволство на љубителите на фолклорните ора и песни, истакна Илиевски.
„Гевгелиска везилка“ веќе ја исплете првата нишка на нова фолклорна традиција во Гевгелија.














